Општина Ѓорче Петров го одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод 3 декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Општина Ѓорче Петров организираше отворен ден на час по физичко и здравствено образование под мотото „Заиграј со нас“, каде што учествуваа деца со типичен и атипичен развој.

Градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните во спортската сала „Христо Батанџиев“ кажа дека сите деца, без разлика на нивните способности, заслужуваат поддршка и можност за напредок.

„Овој ден не потсетува дека интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на животот – политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот, не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка. Секој ден е можност за поддршка, но 3 декември е денот за гласност и посветеност“, рече градоначалникот Александар Стојкоски

Како општина, додаде Стојкоски, секогаш стоиме на страната на инклузијата.

„Со гордост можеме да кажеме дека токму кај нас функционираат најголем број центри за поддршка и развој на лицата со попреченост. Нашата заложба е јасна – никогаш нема да дозволиме овие наши сограѓани да бидат заборавени или оставени на маргините“, подвлече градоначалникот.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува секоја година со цел да поттикне разбирање за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и да ја мобилизира поддршката за нивното достоинство, права и благосостојба.