Општина Гевгелија доби контејнери за депонирање на стаклена амбалажа

Германското друштво за интернационална соработка, во рамки на проектот за управување со стаклен отпад во Западен Балкан, денеска преку Заедницата на единиците за локална самоуправа и фирмата „Пакомак“ на општина Гевгелија и додели десет специјализирани контејнери за одложување на стаклена амбалажа.

–Заедно со веќе поставените 20 контејнери и новите десет што ги добивме денес,се трудиме оваа услуга за граѓаните континуирано да ја подобруваме.Тие ќе можат на 30 локации во населените места низ општината да го депонираат претходно селектираниот отпад со што се надеваме дека ќе ја подигнеме свеста кај нив да не ги расфрлаат шишињата по улиците,рече градоначалникот Сашо Поцков кој изрази уверување дека очекува да се зголеми и личната одговорност кај граѓаните на општина Гевгелија за градење европски вредности.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, рече дека во имплементацијата на проектот, покрај нашата земја, се вклучени уште Србија и Босна и Херцеговина. Покрај првично ангажираните општини Илинден и Штип, дополнително во реализација на проектот кај нас се вклучени уште општините Гевгелија, Битола,Тетово и Скопје.

–Целта на проектот е да се развијат соодветни бизнис модели што ќе бидат применливи и во останатите единици на локална самоуправа за што ни е потребна помош од граѓаните што повеќе да го депонираат стаклениот отпад во специјалните контејнери.Количината на отпадот

ќе се мери и очекуваме зголемување на количините на собраното стакло најмалку за 20 отсто,рече Перишиќ.