Oпштина Гази Баба продолжува со субвенционирање за набавка на печки на пелети

Оваа година општина Гази Баба продолжува со субвенционирање на сите граѓани за набавка на нови печки на пелети во износ од 70 отсто од вредноста на грејното тело, но не повеќе од 30.000 денари, со вклучен персонален данок на доход. За оваа намена од општинскиот буџет се обезбедени 550.000 денари.

-Целта е преку оваа мерка да се влијае на намалувањето на загадувањето, на заштитата на животната средина и природата, а кај граѓаните да се создаде навика за користење еколошки огревни материјали наместо на загадувачки, соопшти Општината.

Јавниот повик ќе трае од денот на објавувањето заклучно со 15.10.2019 година, a ќе се реализира по принципот „прв дојден прв услужен“. Доколку бидат исцрпени сите предвидени финансиски средства, Општина Гази Баба ќе ја информира јавноста дека Јавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен.

За утврдување на исполнувањето на условите за доделување финансиски средства се формира Комисија за спроведување на постапката која е должна да ја спроведе во две фази. Во првата фаза Комисијата треба да ги разгледа пристигнатите барања и документацијата доставена во прилог, додека во втората фаза Комисијата ќе изврши теренски увид кај сите баратели кои ги исполниле наведените услови, ја купиле печката во предвидениот рок и ја инсталирале во живеалиштето според личната карта.

При теренска проверка од страна на најмалку три члена на Комисијата од член 5 став 1, подносителот треба да овозможи пристап до објектот и просторијата во која е инсталирана набавената печка на пелети.

Сите заинтересирани граѓани подеталните информации можат да ги најдат на http://www.gazibaba.gov.mk/mk/javni-povici/javni-povici/aven-povik-za-nadomestuva-e-na-del-od-troshotcite-na-gra-anite-na-podrach-eto-na-opshtina-gazi-baba-za-kupuva-e-pechki-na-peleti-za-2019-godina?fbclid=IwAR0qGNHVE6OvzBHbURxrIHVMnFCYf6id4oWYJTzOE4HVJusI1zHJiT8MhpU.