Општина Гази Баба: Нема да се гради нова фабрика за тешка индустрија

Од Општината Гази Баба велат дека не е вистина оти ќе се гради нова фабрика за тешка индустрија во рамките на комплексот „Железара“. Како што додаваат оттаму, самиот опфат, во согласност со ГУП, кој е со важност до 2021 година, предвидува и таква намена, но вистината е сосем поинаква.

„Со овој објавен оглас се опфаќаат компатибилни намени од Г1, Г2, Г3 и Г4, кои се однесуваат на лесна и незагадувачка индустрија. Исто така, во објавениот оглас се предвидува и намени од Д1, Д2, Д3 и Д4, кои се однесуваат на јавно и заштитно зеленило, како и намени Б2 и Б4, односно деловни објекти“, се наведува во реакцијата на Општината.

Оттаму смируваат дека нема место за паника и дека граѓаните може да бидат спокојни зашто во општина Гази Баба нова фабрика за тешка индустрија нема да се гради.