Општина Гази Баба ќе обезбеди бесплатни екскурзии за ученици од социјален ризик

Учениците од семејства во социјален ризик од Општина Гази Баба ќе добијат можност бесплатно да учествуваат на училишните екскурзии, со цел ниту едно дете да не биде изоставено поради финансиски причини.

Од Општината информираат дека мерката е дел од нивните активности за поддршка на семејствата на кои помошта им е најпотребна и за обезбедување еднакви можности за сите ученици.

„Екскурзиите не се само патување, туку можност за стекнување нови знаења, создавање пријателства и незаборавни спомени. Затоа сметаме дека секое дете треба да има можност да биде дел од овие училишни активности“, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.

Од локалната самоуправа посочуваат дека ќе продолжат со реализација на мерки и проекти насочени кон социјална инклузија и поддршка на најмладите, нагласувајќи дека инвестициите во децата претставуваат инвестиција во иднината на заедницата.