Општина Гази Баба и ДЗС започнаа акција за намалување на заканите од поплави

Општина Гази Баба заедно со Дирекцијата за заштита и спасување, започнуваме акција за намалување на заканите од поплави. Заеднички ќе работиме на едукација на населението, а особено на младите како да се спречат поплавите во ризичните области, неопходни мерки во состојба на поплава како и однесување по поплави.

Општина Гази Баба поучена од водената стихија на 06 август 2016 година, во изминатиот период презема низа превентивни мерки и активности во насока на спречување и намалување на закани од поплави каде најпогодени беа населените места Инџиково, Ченто, Синѓелиќ, Стајковци, Брњарци, Црешево, Страчинци, Виниче, Смилковци.

Откако станав градоначалник, преземавме превентивни мерки и активности за уредување на речните корита и суводолиците. Потоа на површина од 3441 хектари во Скопска Црна Гора, општина Гази Баба прогласи ерозивни подрачја кои ќе бидат пошумени и регулирани дождовните води а изработена е  и комплетна студија за разрешување на поројните дождови на Скопска Црна Гора. Покрај ова нарачано е техничко решение за нов одбоден канал на северната обиколница, а целта е да ги собере сите води од Скопска Црна Гора и да ги одведе до одбодниот канал.

За овие мерки да бидат ефективни, покрај интервенциите на општината, потребно е и граѓаните да дадат свој придонес со тоа што ќе ја одржуваат животната средина чиста. Да не фрлаат ѓубре во речните корита и во каналите или доколку видат дека постои смет на овие места, да ги информираат надлежните служби. Да не се преградуваат водотеците за да се прават акумулации на вода во летниот период и сл.

Општина Гази Баба и во иднина ќе продолжи со спроведување на превентивни мерки за спречување од поплави, се со цел никогаш да не се повтори поплавата од 6 август 2016 година.