Општина Центар урна нелегална доградба кај ресторанот „Мечка“ во Дебар Маало која го блокираше тротоарот

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска информираше дека била отстранета дивоградбата кај ресторанот „Мечка“.

„Општина Центар ја урна нелегалната доградба која подолго време го блокираше тротоарот и дел од коловозот во Дебар Маало. По повеќе опомени и непостапување, инспекциските служби и механизацијата излегоа на терен и ја отстранија бесправно поставената конструкција што го попречуваше нормалното движење на пешаците и сообраќајот“, вели Герасимовски во својата Фејсбук објава.

Тој додаде дека жителите на Дебар Маало ја поздравиле акцијата.

„Општината продолжува со засилени контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти со цел воспоставување ред и заштита на јавниот интерес“, порача Герасимовски.