Општина Центар свечено ќе ја отвора „Боемска улица“

Новиот простор за релаксација и уживање на граѓаните на Скопје, замислен по теркот на боемските населби од европските градови ја добива својата финална форма. Свеченото отворање на вториот дел од „Боемска улица“ е закажан за 23-ти овој месец.

Отворањето на „Боемската улица“, очекувано ќе претставува вистинско боемско уживање, а за атмосферата ќе биде загрижен еден од најавтентичните боеми на денешницата Звонко Богдан и неговите седуммина тамбураши, како и Нино Величковски и „Наши тамбураши“. Манифестацијата ќе започне на 23-ти декември, ден петок, во 18 часот.

Што се однесува до самата улица, таа е долга 270 метри, и зафаќа површина од 4 000 квадратни метри. Вториот дел започнува од крстосницата со „Орце Николов“, а оди се до Градежниот факултет. На улицата е поставена нова атмосферска канализација, осветлување, а асфалтот е заменет со гранитна коцка и нови рабници на тротоарите. Сите кабли кои досега беа развлечени по бандерите се сместени под земја. Се очекува пред отворањето да се засадат и 18 нови садници, костени, а веќе се засадени зимзелени растенија и цветен расад на неколку места. 

Поставени се и нови клупи, корпи за отпадоци и украсни канделабри, кои дополнително ќе ја оживеат боемската атмосфера на улицата. Кафеаните ќе можат да ги постават своите тераси на улицата, во рамки на дозволеното, а посетителите ќе имаат прилика да уживаат во квалитетната музика, храна и пиење. 

Предвиден е специјален сообраќаен режим, така што во главно улицата ќе биде пешачка зона. Третата фаза од проектот „Боемска улица“ ќе се однесува на улицата „Михаил Цоков“ со што овој дел од Дебар Маало и официјално ќе стане градски боемски кварт, по примерот на белградска Скадарлија или московскиот Стар Арбат.