Општина Центар со нова одлука: Стопирани се сите постапки за градење по спорните ДУП-ови

Општина Центар донесе нова одлука за мораториум за Деталните урбанистички планови (ДУП) кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

Одлуката беше изгласана со 16 гласови „за“, и шест „воздржани од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова значи дека сега Центар нема да издава дозволи за градба додека дуповите кои се ревидираат не бидат усогласени со генералниот план.

Новата одлука за мораториум следува откако минатата недела Уставниот суд донесе одлука привремено да се укине мораториумот на вкупно 31 ДУП во Општина Центар односно на речиси целата територија на општината.

Со мнозинство гласови, судиите тогаш ја прифатија иницијативата да ја разгледуваат законитоста на одлуката за мораториум што ја донесе Општината во декември и донесоа привремена одлука со која се укинува мораториумот додека да се донесе конечна одлука дали тој е уставен или не.