Општина Центар започна со поставување на нова атмосферска канализација на крак од улицата „Никола Тримпаре“, кој минува веднаш до матичниот објект на градинката „13 Ноември“.
-Овој зафат се изведува на барање на граѓаните кои живеат во околните згради, кои повеќе пати се жалеа до општината. На овој потег поради старата и дотраена атмосферска канализација после секој обилен дожд се собира вода и се отежнува движењето, информираат од општината.
Активностите опфаќаат поставување на нова атмосферска канализација во вкупна должина од 40 метри и нови сливници за полесно справување со отпадните атмосферски води.
Реконструкцијата на кракот од „Никола Тримпаре“ ќе биде завршена идната недела, а во моментов, Општина Центар ги реконструира улиците „Петар Поп Арсов“ и „Козара“, а наредни за реконструкција се улиците „Рајко Жинзифов“, „Адвокатска улица“ и пробивањето на улицата „Партизанска“, информираа надлежните.