Општина Центар поведе судска постапка за раскинување на договорите со Графички центар

Општина Центар преку Државното правобранителство поведе судска постапка за раскинување на договори за продажба на државно земјиште на Графички центар Скопје. Станува збор за парцели во близината на Француските гробишта, продадени на јавно наддавање на 10 декември 2013 за изградба на објект со намена култура.

Станува збор за склучени договори помеѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач и Трговското друштво за новинско издавачка дејност и графичко производство – Графички центар ДОО Скопје, како купувач.

По преземање на предметите од Министерството за транспорт и врски, од страна на Општина Центар е утврдено дека е отворена стечајна постапка над купувачот Графички центар ДОО Скопје и следствено на тоа, поведена е судска постапка за раскинување на договорите, каде што по едниот и другиот договор, требало да биде изграден објект со намена В3 – култура,  согласно извод од ДУП Тетовска трошарина, донесен со одлука на 13 ноември 2012.

-Како Општина Центар предлагаме и јас како нејзин градоначалник, апелирам прекин на извршната постапка, односно не преземање на извршни дејствија од страна на надлежниот извршител, до целосно завршување на судските постапки, како не би ги загрозиле имотните права и интереси на Република Северна Македонија – изјави Саша Богдановиќ градоначалникот на Центар.