Општина Центар одбележува 50 години од формирањето

Општина Центар денеска одбележува 50 години од своето постоење. Основана во 1976 година, таа е една од десетте скопски општини и претставува административно, културно и урбано јадро на главниот град.

фото: Фејсбук/ Горан Герасимовски

По повод јубилејот, градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека петте децении постоење се можност да се направи осврт на развојот на општината, промените низ кои поминала и резултатите што го обликуваат нејзиниот современ урбан лик.

„Центар има богато минато, силен урбан дух и голема иднина што заедно ја градиме“, вели Герасимовски, посочувајќи дека во изминатите пет години фокусот бил ставен на модернизација на општинските услуги, поголема транспарентност и подобрување на условите за живот на граѓаните.

Меѓу реализираните проекти ги издвојува изградбата на градинката „Пролет“, со капацитет за 173 деца, обновувањето на спортската сала „Работнички“, реконструкцијата на улици и доградбата на училишта. Општината, според него, инвестира и во нови паркови, зелени површини, обновливи извори на енергија и програми за поддршка на различни возрасни и општествени групи.

Герасимовски нагласува дека јубилејот е и поттик за продолжување на започнатите активности, со нови проекти и подобри услуги за жителите. Како посебна одговорност ја посочува довербата што ја добил за вториот градоначалнички мандат.

Општина Центар е формирана во 1976 година, а со новата територијална организација од 2004 година продолжува да функционира како една од десетте општини во состав на Град Скопје.