Општина Центар најави сеча на дрвја, од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека нема да го сторат тоа

Откако вчера од општина Центар информираа дека поради стартот на изградбата на првата детска градинка во населба Пролет ќе се отстранат 4 дрвја од видот 2 копривки, липа и софора, со цел да се ослободи простор, од ЈП „Паркови и зеленило“ ја демантираа веста. 

-Во врска со објави дека ЈП „Паркови и зеленило“ по налог на општина Центар ќе отстрани четири дрвја заради изградба на детска градинка во населба Пролет ги демантираме наводите и ја информираме јавноста дека ЈП Паркови и зеленило по издадено Решение е задолжено да изврши пресадување со претходно кастрење на четири дрвја од видот јасен и дека претпријатието нема да изврши сечење на четири дрвја (2 копривки, липа и софора) како што стои во објавите, соопштија од претпријатието. 

Од  Центар информираа дека на местото на отстранетите дрва, општината ќе засади нови 20 високо калемени садници од видот Јавор (Acer campestre) и друг вид на средно и ниско зеленило кое на просторот околу објектот на градинката ќе му даде нова свежина и нов лик.