Општина Центар: Исчистени се сите улици под наша надлежност

Вработените и зимската служба ноќеска ги поминале и ги исчистиле сите улици кои се под надлежност на општина Центар, информираат оттаму.

„Континуирано се чистат улиците во Мало Курило, Долно Водно и Водно. Исчистени се и улиците Ѓуро Ѓоновиќ и Пролет и сите приоди до детските градинки и до училиштата. Во текот на ноќта фрлени се 50 тони сол или вкупно од почетокот на снегот фрлени се 110 тони сол на улиците во Центар“, се наведува во соопштението од општината.

Оттаму додаваат дека за чистење е ангажирана неопходната механизација, но и дека вработените рачно ги чистат улиците и тротоарите.

Комуналната инспекција на општина Центар ги предупредува субјектите согласно Законот за комуналните дејности да го исчистат просторот пред влезовите. Исто така се додава дека надлежните се подготвени доколку повторно падне снег да излезат на терен и да ги исчистат сите критични точки и улици.