Општина Центар ги прекинува сите градежни активности, се засилуваат инспекциските надзори

Општина Центар воведува интервентни мерки против загадувањето. Овие мерки се преземаат по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно над 188 μg/m3 на мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат.

Конкретно, Општина Центар ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги интензивира инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Овие мерки ќе важат додека е висок степенот на загадување на воздухот.

Инаку веднаш по доаѓањето на новото раководство, Општина Центар прогласи мораториум за градби на својата територија кој е се уште на сила. Дополнително, отворено е прифатилиште за бездомници во ПОЦ, а функционален е и општинскиот сервис за стари лица. 

Општина Центар ќе ги следи препораките од централната и локалната власт за време на високиот степен на загадување на воздухот и порачува истото да го сторат граѓаните.