Од наредната недела, 40 деца од Центарот за деца со церебрална парализа ќе се преселат во нов времен објект до ООУ „11 Октомври“, кој е во сопственост на општина Центар.
- Поради изградбата на новото училиште во населбата Капиштец, имаше потреба од дислокација на Центарот. Но, и условите за престој на децата во досегашниот објект не беа на потребното ниво, соопшти општина Центар.
Новата локација е со површина од 250 метри квадратни и е целосно адаптирана за престој на овие лица. Изградена е рампа за пристап до улицата. Овој објект ќе биде нивно катче за престој, рекреација и забава во текот на периодот до изградба на училиштето. Новиот простор е во согласност со стандардите за пристапност, движење и опслужување на лицата кои се движат со помагала со соодветно прилагодени тоалети.
Објектот, општина Центар ќе го предаде на Министерството за труд и социјална политика, кое треба да ја пресели опремата. Децата ќе имаат физиотерапевтска и дефектолошка поддршка по сите принципи и стандарди.
По изградбата, тие добиваат на користење 300 метри квадратни простор и најсовремени услови во новото училиште „Капиштец“.