Општина Бутел почна со изградба на трим патека на реката Серава

Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски кажа дека конечно почна со реализација проект кој бил најавуван 40 години. Тој кажа дека започна изградбата на трим патеката покрај речното корито на река Серава. Патеката е во должина од 800 метри. Ќе биде поставено ново смарт осветлување и нови клупи.

„Ќе се изгради и парк на површина од 5000 метри квадратни со што целиот простор ќе биде оплеменет со зеленило. Во првата фаза се уредува речното корито на река Серава во должина од 1500 метри, а со втората фаза уште дополнителни 300 метри во населеното место Радишани. Со ова заокружуваме 1800 метри уредено со камен речно корито. Вложуваме 65 милиони денари во уредување на речното корито и изградба на трим патека. Заедно го менуваме ликот на општина Бутел, заедно ќе спортуваме и ќе рекреираме на овој кеј“, напиша Костовски.