Општина Битола ќе го обнови паркингот пред спортската сала „Боро Чурлевски“

Почнуваме со реконструкција на паркингот пред спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, изјави на прес-конференција градоначалникот Тони Коњановски.

Поддршката на спортот, вклучувајќи ги спортските клубови, но и спортската инфраструктура се меѓу главните приоритети на оваа локална самоуправа и тоа го работиме од првиот ден, за да создадеме подобри услови Битола, спортски да се развива и да напредува, посочи Коњановски.

- Реконструкцијата на паркинг просторот кај спортската сала „Боро Чурлевски“ е проект кој вклучува реконструкција на атмосферска канализација, коловоз и електроника, односно соодветно осветлување на просторот. Постапката за јавна набавка ја започнавме на крајот на месец февруари и согласно законските рокови, одлуката за избор е донесена на 11. мај, склучен е договор со изведувачот и веќе идната недела започнува работата на терен. За овој проект, предвидена е инвестиција во вредност од 18 милиони денари. Можам да најавам поплочување на платото пред спортската сала, санирање на скалите, како и соблекувалните, помошните простории и холовите, истакна Коњановски.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Коњановски посочи дека паралелно, се прави разработка и на изготвената техничка документација за да се исполнат високите ЕХФ стандарди за ракометни натпревари со европски екипи на домашен терен во следното издание на Лигата на шампиони каде ќе настапи РК Еурофарм Пелистер.

- За подобрување на условите за напредок на спортот е и капиталниот проект, за кој како општина активно се залагаме, а се однесува на изградбата на модерен спортски комплекс. За овој проект, веќе објавивме конкурс за идејно решение и врз основа на добиените решенија, започнуваме со постапка за изработка на основен проект со соодветно избрана локација. Станува збор за голема инвестиција за која неопходна е поддршка од централната власт и затоа, очекувам и Владата, да ги следи спортските резултати на Битола и да даде соодветна финансиска поддршка, за да може спортска Битола, да добие спортски комплекс каков што навистина заслужува, истакна Коњановски.

На попладневната прес-конференција во Општина Битола, градоначалникот Коњановски најави и други локални проекти.