Општина Аеродром заслужува едно повисоко ниво на живеење, вели Дејан Митески поранешен советник во општината

Општина Аеродром заслужува едно повисоко ниво на живеење, кое ќе биде пример за сите останати. Пред се важи за општина со млада популација, која задолжително мора да ги следи европските трендови на живеење.  Ова во интервју за Скопје Инфо го вели Дејан Митески, поранешен советник во општинскиот совет и актуелен Претседател на партискиот огранок на ВМРО ДПМНЕ.

Во моментов, за жал сме многу далеку и од балканските, но секогаш мора да се трудиме да постигнеме едно повисоко ниво или Level Up, што ќе создаде едни поинакви, современи услови за живот. Нови отворени парковски површини, места за забава и рекреација за сите возрасти, хумани услови за живеење, повисоко ниво на хигиена, и одржување, додава Митески.

Тој е роден и пораснат во општина Аеродром. 

Целиот мој живот е поминат тука. Почнувајќи од градинка, до денес, живеам, создавам, делувам во Аеродром. Секако, тука планирам да живеам и во иднина, вели тој. 

На прашањето како ја замислува општината Аеродром дава краток одговор: чиста и зелена. Но потоа вели дека Аеродром заслужува повисоко ниво. Вели дека општината задолжително мора да се развива во сите нејзини делови паралелно. Од Мичурин до Долно Лисиче.

Митески додава дека секој еден дел од општината има своја убавина, но и свои проблеми. За да се запознаат детално потребно е многу време поминато на улица, меѓу луѓето. Затоа треба што побрзо истите да се решат. Некои се мали и треба само добра волја, некои се суштински и треба сериозен ангажман. Но верувајте, за секој проблем постои и решение. Аеродром со чисти и средени паркови, Аеродром без ред на чекање за запишување на дечиња во градинки, Аеродром без депонии, Аеродром со современи училишта, Аеродром без сообраќаен хаос, Аеродром на точак, Аеродром со култура, која за жал ја немаме. Мислам на култура како институција. Идеите и желбите се многубројни, реални и остварливи. Треба само добра волја и желба за реализација.

Тој е познат во јавноста и на социјалните мрежи по критичкиот пристап за актуелни политички и урбанистички теми и неопходно се наметнува токму тоа прашање. 

Лично повеќе би сакал да зборувам за позитивни теми и наместо критика, да има пофалба. За жал тоа е многу тешко за локалната самоуправа. Но сепак, критиките секогаш треба да се гледааат од позитивната страна, односно како можност за нешто подобро и повеќе. Терминот некако се надоврзува на претходниот одговор, вели Митески.

Една од главните задачи на урбанизмот и урбанистичкото планирање е да овозможи хуманизација на просторот. Но за жал изминативе години сите сме сведоци како наместо да се хуманизира, се бетонизира се што претставува слободен простор во Аеродром. Дури и парковите, наместо со трева, се прават со бетонски плочки.

Наједноставно објаснето, помалку бетон и згради, повеќе зеленило и нови содржини кои ќе го оплеменат просторот. Жално е што денес сите сме сведоци на запуштени, неуредени површини, кои можат да бидат ставени во функција на жителите. Секоја микро локација треба соодветно да се уреди, а такви има многу. Посебен акцент мора да се стави и на повозрасните жители на општината, на кои им се потребни катчиња каде што ќе може да го поминуваат времето, да го најдат својот мир, додава тој на тема урбанизам и урбано живеење.

Вели дека во минатото, односно во периодот додека тој бил члена на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, каде што оваа партија имала мнозинство, а и градоначалникот беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се наоаѓале решенија за многу проблеми.

Имајќи во предвид дека потекнувам од Лисиче, успеав да издејствувам реализација на суштински проекти за жителите од тој дел на општината. Беа реализирани и многу проекти кои не беа ветени, но произлегуваа од секојдневната комуникација со граѓаните. По тој принцип треба и во иднина секој член на советот да биде коректив на работата на градоначалникот и да се залага максимално за реализација на што е можно поголем дел на проекти во населеното место каде што живее.

За жал, иако имам редовна комуникација и соработка со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција не наоѓаме разбирање и соработка од актуелното општинско раководство и мнозинство во советот. Градоначалникот речиси никогаш и да не е присутен на седниците на совет, а слушајќи ги поплаките од граѓаните, се добива впечаток дека и воопшто не е заинтересиран за проблемите на аеродромци. Ветеното е комплетно заборавено, а беше многу ветено. Чист воздух, гасификација, нови градинки и училишта и уште многу други работи, кои никако да ги видиме, потенцира Митески.

Додека го правевме ова интервју, тој пристигна со својот велосипед. Го запрашавме зошто велосипед, а не автомобил? 

Вели дека во поголемиот дел од годината велосипедот го користи како превозно средство. Автомобил се трудам да користам само кога е неопходно или временските услови не дозволуваат возење на велосипед. Градски велосипедизам или во текот на денот заради обавување на работните обврски е најчесто, но во слободно време, особено за викенд Катланово или Марков Манастир се честа рута, вели додека го паркира својот велосипед. 

Секако, се наметна и прашањето за инфрастуктурата. 

Вели дека Скопје има идеални предуслови за често користење на велосипед. Поволните временски услови и рамниот терен се одлични за велосипедизмот. Урбаната вело инфраструктура е воглавно функционална по главните коридори, иако секогаш може повеќе и подобро.

Додава дека она што недостасува е велосипедска инфраструктура на периферијата од општината, односно поврзување на Горно и Долно Лисиче, како и Долно Лисиче со општина Гази Баба.

Многу често огромен број на велосипедисти ја користат токму оваа релација за возење на велосипед, а за жал нема соодветна инфраструктура. Недостасуваат и безбедни паркиралишта за велосипеди, поврзувања измеѓу главните вело коридори, за што треба да се посвети посебно внимание. Но она што посебно ме радува е што постојано гледам дека се поголем број на аеродромци користат велосипед како превозно средство, заклучува тој на тема велосипедизам. 

На крајот го прашавме и за една порака до жителите на Аеродром и тука ни даде навистина креативен одговор:

Неодамна прочитав една мисла од непознат автор која вика „наместо ќути, има и полошо... менувај, има и подобро“. Лошото да го промениме со добро. Аеродром каков што го посакуваме, за сите нас, завршува Митески.