Општина Аеродром со демант на соопштението од „Левица”

Демант од општина Аеродром на соопштението на политичката партија „Левица”:

Со денешното соопштените политичката партија „Левица“ покажа прво грубо непознавање на законите, на надлежностите и функционирањето на локалната самоуправа, а потоа и желба за груба манипулација на јавноста.

Напоменуваме дека Општина Аеродром е институција која има законска надлежност и обврска да постапува во врска со сите барања и пријави на граѓаните, ги почитува сите законски процедури и регулативи, без притоа да има можност да дава какви било селективни или пристрасни процени околу законитоста на сите објекти кои се наоѓаат на нашата територија.

Целосна лага и манипулација е тврдењето дека Општината не постапува во врска со наводна узурпација на јавен простор од страна на угостителските и друг вид на објекти во Аеродром, бидејќи секаде каде што се констатирани пречекорувања и непочитувања на правилата и прописите, службите постапувале во рамките на законските надлежности. Дополнително, нашите информации во координација со службите на Град Скопје, говорат дека од страна на градот се извршени неколку инспекциски надзори, во кои исто така била приложена сета потребна документација и не се констатирани никакви прекршоци.

Имајќи го предвид ова ја повикуваме политичката партија „Левица“ да го повлече денешното соопштение и да испрати извинување до јавност затоа што споделува лажни и неточни информации кои не коинцидираат со актуелната состојба. Доколку, од „Левица“ имаат дополнителни прашања, ги упатуваме истите да ги постават до администрацијата на Град Скопје, каде се дел од мнозинството и имаат свои функционери.

Почитувањето и спроведување на законите во целост се приоритет на актуелното раководство и администрацијата на општина Аеродром и во таа насока општината Аеродром, како и до сега и во иднина, ненавлегувајќи во личните релации ќе постапува само согласно со законите.

Ваквиот начин на работа треба да биде пример и за политичката партија „Левица“ која наместо да ги чита и почитува законите и подзаконските прописи, троши време и енергија за замајување на јавноста со неточни и лажни информации.