Општина Аеродром со апел граѓаните и правните лица да бидат подготвени за чистење на снегот

Во очекување на најавените врнежи од снег, Општина Аеродром ги потсетува жителите и правните лица дека според Законот за јавна чистота имаат законска обврска да го чистат снегот пред влезовите на своите домови и објекти со што ќе се обезбеди непречен пристап до нив.

Според членот 9 од Законот, одржувањето на јавната чистота во општинска сопственост го врши општината, а на објекти во приватна сопственост и на дворните површини го врши сопственикот на објектот.

Во однос на обврските на Општината, надлежните ги информираат граѓаните дека на располагање се ставени сопствени возила за чистење снег на улиците, тротоарите и други јавни површини, а за таа цел се набавени и околу 200 тони сол.

Активиран е и кризен штаб со кој директно ќе раководи градоначалникот Тимчо Муцунски, а штабот ќе се грижи за реализација на донесениот план чија цел е да обезбеди олеснет пристап и движење на граѓаните во зимски услови.

Истовремено, Општина Аеродром презема активности за навремено известување на физичките и правните лица за обврските кои ги имаат за време на снежните врнежи. Во колективните станбени згради одржувањето на јавната чистота се задолжува да ја врши куќниот совет.

-Ги повикуваме жителите да ги почитуваат пропишаните одредби и со тоа заеднички да придонесеме за поголема безбедност на аеродромци, велат од општина Аеродром.