Општина Аеродром почна со прием на барања за обесштетување по невремето

Општина Аеродром ја започна постапката за обесштетување на граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме што го зафати Скопје завчера.

По координативниот состанок во Град Скопје, општината формираше Комисија за утврдување на фактичката состојба и започна со прием на барања, како предуслов за обесштетување на граѓаните. Постапката ќе се реализира во соработка со Владата и со Градот Скопје.

Образецот за пријавување штета е достапен во просториите на Општина Аеродром, а може да се преземе и од официјалната веб-страница на општината.

Пополнетото барање, заедно со потребната документација, треба да се достави во Архивата на Општина Аеродром, секој работен ден од 8:00 до 15:00 часот, во рок од 30 дена од денот на настанување на штетата.

Кон барањето задолжително треба да се приложат:

  • фотокопија од важечка лична карта или патна исправа;
  • фотокопија од имотен лист како доказ за сопственост;
  • фотографии од настанатата штета;
  • записник од МВР за причинетата штета.

Од Општина Аеродром ги повикуваат граѓаните навремено да ги поднесат барањата, со цел постапката за утврдување и надомест на штетите да се спроведе ефикасно и во најкраток можен рок. Сите пријави ќе бидат разгледани согласно законските процедури.