Општина Аеродром ослободи од работа 69 лица поради загадувањето

Следејќи ги препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање и соодветно сопствените заложби, Општина Аеродром ослободи од работни обврски вкупно 69 лица.

„Бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, а се во работен однос со Општина Аеродром, без разлика на возраста, денеска се ослободени од работни обврски. Конкретно, станува збор за 42 сезонски работници, 5 вработени од општинската администрација и 22 од кадарот на градинките и училиштата на територија на Општина Аеродром“, соопшти Општината.

Исто така, работниците на отворено ќе работат од 11 до 17 часот сè додека е надминат прагот на алармирање.

„Апелираме до граѓаните да ги следат препораките од надлежните институции во однос на намалување на загадувањето и ги замолуваме за разбирање доколку настане привремен застој во работењето на комуналните служби заради ослободување на речиси половина од сезонските работници“, велат од Општината.