Општина Аеродром од денеска започнува со уредување на зелените површини

Општина Аеродром најави дека од денеска започнува со спроведување екоакција со која се уредуваат јавните зелени површини што се под нејзина надлежност.

Комуналните служби на општина Аеродром, почнувајќи од населбата Мичурин, во наредните денови ќе ги опфатат сите реони, а пролетната акција вклучува косење трева, собирање гранки и шут, како и метење на улиците и паркинзите.

Исто така, во текот на април е планирана и акција за расчистување на дивите депонии на разни локации во општината.

Истовремено, со цел подигање на екосвеста кај населението, инспекциските служби на Општина Аеродром започнуваат едукативна кампања преку која на терен ќе ги информираат граѓаните за Законот за јавната чистота и казните што следуваат за неговото непочитување.