Oпштина Аеродром: Немаме ингеренции за зградата во Реонскиот центар

По низата реакции во јавноста во однос на изградбата на станбената зграда во Реонски центар Аеродром, Општинта се огради дека нема ингеренции.

„Одобрението за градба за таа локација е дадено на 9.11.2016 година, а комуналиите се платени пред тоа. Инвеститор за оваа зграда е АДСДП или поранешно ПУИГ, односно државна институција, и не станува збор за приватен инвеститор. Градоначалникот Златко Марин веќе оствари средба со граѓаните од овој дел на населбата и ги информираше дека самата општина нема ингеренции да ја стопира градбата, туку е потребен договор помеѓу ПУИГ и изведувачот на објектот“, се вели во соопштението на Општина Аеродром.

Општината додаде дека ќе поддржи договор кој ќе биде во интерес на сите засегнати страни, но она што јавноста треба да го знае е дека решение треба да се бара на релација ПУИГ и компанијата што треба да го гради објектот.

Жителите подолго време негодуваат поради хаосот што е настанат со континуирана изградба на згради. Се жалат дека нема доволно зелени површини иако оваа населба е рекордер по загаденост на воздухот. Исто така велат дека неконтролираното населување прави проблем со паркинг-местата и дека улиците се преплавени со возила и се оневозможува движењето. Тие пред пет недели алармирале до Општината Аеродром да се преиспита одлуката за градба на ова место. Сметаат дека ќе се наруши и така тесниот урбанистички простор меѓу околните згради и предлагаат на тоа место да се направи или детски парк или да се обезбедат уште паркинг-места.