Општина Аеродром ќе донира финансиски средства за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија

Општина Аеродром на седницата на советот која ќе се одржи во среда ќе обезбеди донација за семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Веста на својата фејсбук страна ја објави градоначаликот Муцунски. Тој истакна дека остварил и телефонски разговор со Турскиот амбасадор во Република Македонија. 

„Во текот на денешниот ден остварив телефонски разговор со амбасадорот на Република Туркије во Македонија, г. Hasan Mehmet Sekizkök. Во телефонскиот разговор изразив жалење и упатив искрено сочувство до турскиот народ за трагичната несреќа која се случи утринава“, напиша Муцунски на фејсбук. 

Тој додаде дека на негова иницијатива, а во координација со Претседателот на советот Дејан Митески, во среда ќе се одржи седница на Советот на Општина Аеродром на која ќе биде донесена одлука за обезбедување средства од буџетот на општината.

„Уште еднаш упатувам искрено сочувство до турскиот народ и посакувам што поскоро животот во погодените градови да се врати во нормала. Нашите мисли се со нашите пријатели во оваа земја, а ние понатаму остануваме отворени за помош и поддршка“, заврши Муцунски во својата објава.