Општина Аеродром бесплатно собра 70 тони кабаст отпад

Општина Аеродром и Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром успешно ја спроведоа акцијата за бесплатно собирање кабаст отпад, при што од точно 41 локација, собрани се околу 70 тони отпад.

„Акцијата почна кон крајот на јули и наиде на голем интерес кај аеродромци. Големи контејнери во текот на август и септември беа поставувани на различни локации низ целата Општина според точно одреден распоред. Жителите навремено беа информирани во кои денови можеа да го фрлат својот стар мебел и друга стара и дотраена покуќнина, а отпадот беше собиран со механизација со која располага Општината.

Оваа акција беше спроведена со цел да им се излезе во пресрет на жителите бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. Исто така, на овој начин ја заштитуваме животната средина од несовесно фрлање отпад, со што се загадува животната средина и се создава лоша слика за Аеродром“, стои во соопштението на општината.

Од општината упатија апел до граѓаните да внимаваат како се однесуваат кон околината, затоа што инспекциските служби се постојано на терен, а секое несовесно фрлање отпад е казниво со закон.