Судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и одреди осумдневен притвор за тројца од лицата кои го уништуваа македонското знаме. Одлуката е образложена со „опасност од бегство и повторување на делото“.
Приведените лица се сомничат за кривичното дело од член 319, став 1 од Кривичниот законик, а поврзани со вчерашните настани во кои беа уништувани национални симболи и државното знаме.
Доцна попладнево, тие со полициска придружба беа спроведени во Кривичниот суд.
Претходно, министерот Тошковски информираше дека во текот на вчерашната вечер биле уапсени 8 лица.
„Четири лица се уапсени поради учество во тепачка, додека други 4 лица се уапсени поради основано сомнение дека сториле кривично дело кое се однесува на предизвикување национална и верска омраза, со предвидена казна затвор од 1 година.“, нагласи министерот за внатрешни работи во денешната изјава за медиумите.