Опозицијата протестира, МЗ реагира: Тие се потсмеваат со вакцинацијата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска организираше и излезе на протест пред Министерството за здравство, поради, како што велат, неспособност на властите да се справат со пандемијата и последиците. 

Протестот се одржа под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче и Заев“, а присутните го демонстрираа тоа со фрлање на балони полни со вода. Претставници на опозицијата сметаат дека власта не знае да се справи со пандемијата, што резултира со висок број на смртни случаи.

Според Министерството за здравство, овој протест е единствено чин на несолидарност кон препорачаните мерки, попречување на работата на здравствените работници, поттикнување тензија и аверзија кон рестрикциите, како и потсмевање со процесот на вакцинација на ранливите и приоритетните категории. 

„ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека вакцинацијата на територија на цела држава се одвива без никаков проблем. Вакцинацијата во време на светска пандемија е сериозен здравствен процес, колку тоа на ВМРО ДПМНЕ да им наликува на „преправање“ (симулација). Тажно е што опозициската партија безидејно обидувајќи се да профитира политички се потсмева со вакцинирањето на лицата со најголем ризик од заболување, односно возрасните граѓани постари од 76 години. ВМРО ДПМНЕ се потсмева со  вакцинирањето на здравствените работници, полицијата, армијата, наставничките, негувателките, воспитувачките во граднинките, возачите во ЈСП, се потсмева со вакцинирањето на луѓето кои се дел од критичната инфраструктура во државата, со чија вакцинација, се овозможува непречено функционирање на општеството. ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот за беспрекорната организација на масовната имунизација во А1 СЦ „Борис Трајковски“. На ВМРО ДПМНЕ му сметаат, насмеани лица на граѓани по вакцинација, на опозицијата и сметаат позитивните коментари од граѓаните кои ја примиле вакцината. ВМРО ДПМНЕ во време на пандемија прави само штета. Во време на рестриктивни мерки, полициски час, одлучија да се групираат и да протестираат. Жалиме што опозицијата од почетокот на пандемијата не придонесе со ништо за заштита на здравјето на граѓаните“, реагираат од Министерството.