Опозицијата бара анкетна комисија за пожарот во Тетово, власта го чека извештајот од истрагата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжи со барањето за одговорност и оставки поради пожарот во модуларната болница во Тетово, а од Владата повикуваат трагедијата да не се злоупотребува за политички цели.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера и ја врати на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Предлог-одлуката за формирање Анкетна комисија во Парламентот за несреќата во модуларната болница во Тетово, со образложение дека е неуредна. Во одговорот што го упати до ВМРО-ДПМНЕ Џафери наведе дека предлог одлуката не е во согласност со Амандманот XXXIII од Уставот на Република Северна Македонија и посочи да биде усогласена во рок од 15 дена.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека со ваквиот потег парламентарното мнозинство не сака да го расчисти случајот и не сака да добијат одговор, како што изјави пратеникот Антонио Милошоски, прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност за трагедијата која чинеше 14 човечки животи.

-Сметаме дека г-динот Зоран Заев се уште тактизира за да го заштити министерот Филипче, а пратеничкото мнозинство СДСМ – ДУИ за да ги заштити и надлежните во Општина Тетово и во клиничката болница во Тетово, рече Милошоски.

Како што наведе опозициската партија во соопштение, СДСМ одбива во Собрание да дискутира за несреќата во Тетово.

-Пратениците од власта бегаат од соочување на аргументи за несреќата и не сакаат да достават никакви информации за трагедијата во која изгореа 14 луѓе, а го одбија и предлогот да се формира анкетна комисија. Граѓаните треба да бидат свесни дека ваквиот однос на пратениците од власта е согласување со ставот на Заев за кого несреќата е банална, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на Јован Митрески од СДСМ, кој обвини дека опозицијата во Собранието блокира се што е во интерес на граѓаните.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се воздржува од сите коментари се додека трае истрагата. Во однос на неговата оставка за која премиерот најави дека ќе се произнесе откако ќе заврши истрагата рече дека никој не е неменлив. Посочи дека во истрагата за избувнувањето на пожарот во модуларната болница се вклучени институции, обвинителства и како што напомена, ќе дозволи најпрвин тие да констатираат, а по завршување на процесот ќе биде на располагање за разговор или изјава.

Процесот на проверка и на комуникација со директорите на болниците, како и проверка од страна на Санитарниот инспекторат е завршен. Документацијата за модуларните болници, како што рече, е во проектната единица на Светска Банка во Министерство за труд и социјална политика и така е одговорено на барањата.

Од Владата пак повторија дека истрагите за модуларните болници ги водат задолжените институции на системот и апелираа случајот да не се злоупотребува во дневнополитички цели.