
Читаат, но не разбираат. Знаат да ги препознаат зборовите, но тешко ја разбираат пораката, ги поврзуваат информациите и потешко извлекуваат заклучок. Токму ова го покажуваат резултатите од ПИСА 2025, според кои околу 74 отсто од петнаесетгодишниците во Македонија се под основното ниво на читачка писменост.
Овие податоци се многу повеќе од лош резултат на меѓународно тестирање. Тие се сериозен аларм за образовниот систем и за целото општество – затоа што ученик кој не разбира што чита, утре потешко ќе разбира договор, медицинска информација, банкарски услови, медиумска содржина или политичко ветување.
Каде потфрламе и зошто децата ги учиме да паметат, наместо да разбираат и да мислат?
На социјалните мрежи, од вчера, бројни реакции на стручната јавност!
- Пак ни писнаа со ПИСА тестовите! Хммм, слаби на ПИСА тестовите, а солидни студенти на странските универзитети. Заокружуваат по систем ,,кому оди" и ,,не е за оценка, баш ми е гајле". Во расчекор сме со нашите и нивни наставни содржини.Сѐ помалку се учи и чита со разбирање. Сѐ помалку се користат книги и учебниците. Бараат готови, сервирани екектронски одговори. П.С. А да ги тестираме ние нив, со нашата наставна програма, ќе се мрднат, гласи ставот на професорка по македонски јазик во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ Татјана Алексиќ.
- ПИСА! Катастрофални резултати кои многу ме вознемирија. Јас имам многу години, се школувам од времето на табличка и крижалка. Ама имавме добри наставници, за кои знаењата на учениците им беа на прво место. Родителите, иако повеќето помалку образувани од денешните, секојдневно нè контролираа. Во лето нема играње ако не си прочитал лектира. За лоши резултати во школо следува казна. И да не должам, поразителните резултати кои ги слушнав денеска крајно ме разочараа. Јас сум пензиониран професор и ова навистина ме боли. Децата наши не знаат да читаат и раскажуваат, не знаат најобични математички операции. Е, катастрофално! Повик до МОН и родителите: најдете добри ОПИСМЕНУВАЧИ кои ќе ги ОПИСМЕНАТ нашите деца. Истовремено, ако сфаќаме дека образованието е темел на државата, политичките партии нека ги тргнат рацете од образованието, вели поранешна професорка.
- Според последните ПИСА резултати, македонските ученици значително под меѓународниот просек. Да, факт е дека голем дел од учениците се функционално неписмени. Во неколку наврати сум зборувала за тоа дека и најсовремените програми да ги имаме, ако немаме кадар кој ќе ги спроведува на правилен начин е џабе. За жал, голем дел од учениците не ја добиваат потребната поддршка од наставниците. Создавање на функционално писмени ученици значи и користење на ,,модерни" техники и методи во наставата.
Под модерни, не мислам на ВИ и сл., некогаш е доволна и убава дискусија на некоја тема. Не може наставник 20 години (па дури и 10) да користи исти методи, за сосема различни генерации на ученици. Не може за Шекспир да се предава на ист начин сега, кога сите информации се достапни, како што се предавало пред 15 години. Образованието бара постојано надградување и менување на техниките и методите, за часовите да дадат некаков ефект. Не е сѐ до учениците и до нас е. Наставникот мора постојано да го надградува своето знаење и поимање на околината. До безволноста и безидејноста е. Секоја чест на исклучоците кои веруваат дека сепак може да направат некоја промена, гласи споделениот став на професорката Петрова .