ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ го одбележува својот јубилеј – пет децении успешна работа

На 22 и 23 мај, општинското основно училиште „Јохан ХајнрихПесталоци“ го одбележува својот јубилеј – пет децении успешна работа.

По повод јубилејот, училиштето подготви дводневна програма која започнува на 22 мај во училишниот двор со приредба на учениците, настап и обраќање на гостите, а продолжува со голема забава на која се поканети сегашни наставници, ученици и нивните родители, но и поранешните ученици и пензионираните наставници. Забавата продолжува со ДЏ и настапи на Џон Илија Апелгрин, Гаро, Тони Китановски, „Бандикс“, сите поранешни ученици во „Јохан Хајнрих Песталоци“, како настапите на два млади бенда во чиј состав членуваат ученици кои во моментот учат во училиштето.Свеченото одбележување на јубилејотпродолжува и на 23 мај, за кога е закажана централната манифестација.

Во рамките на одбележувањето на 50-годишнината, Општина Центар издаде Монографија на училиштето. Изданието насловено како „Pestalozzi“, на авторот Кочо В. Костов е посветено на објектот во кој е сместено ова основно училиште.

„Овој објект се смета за невообичаен по многу нешта, првенствено по својата уметничка, поточно архитектонска вредност, но уште повеќе по фактот дека претставува иновација од областа на асеизмичката изградба. Истовремено, тој објект е многу повеќе од само училишна зграда, тој е симбол на квалитетно образование и воспитување, но и симбол на солидарноста и трајното поврзување на Швајцарија и Македонија“ – објаснува авторот во рецензијата на изданието.

Општина Центар, во рамките на агендата на своите редовни активности, а пред прославата, со забрзано темпо ја заврши реконструкцијата на детското игралиште и кошаркарскиот терен и направи обнова на урбаната опрема, клупи и корпи, како обнова на зеленилото во училишниот двор.

За училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“

По катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година, со неговата обнова, градот прерасна во град на солидарноста. Како дел од големата помош од сите земји во светот и како дел од швајцарската помош е реализиран проектот за изградба на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Плацот за изградба е доделен од Советот на Град Скопје. Во 1964, Швајцарската влада му го дверува проектот за изградба на училиштето на реномираниот светски архитект Алфед Рот,а неговата изградба започнува во 1966 година. По две години, на 12.01.1969 година, на роденденот на швајцарскиот педагог Јохан Хајнрих Песталоци чие име го носи училиштето , истото е свечено пуштено во употреба и ги отвара вратите за првите ученици. Во изминатите пет децении во ова училиште се школувале истакнати личности од општествениот живо, уметници, спортисти, лекари, политичари, естрадни личности и многу други.