
Неформалната онлајн-група „Здружение на инженери на Македонија“, активна на социјалните мрежи, сè почесто се обидува да се наметне како релевантен фактор во јавните дебати за енергетиката и инфраструктурата. Дел од експертската јавност, меѓутоа, го доведува во прашање нивниот кредибилитет и мотивите зад нивните критички настапи.
Според објави на самите членови, групата не е хомогена, а во последниот период дури се појавија и јавни несогласувања меѓу најактивните учесници. Во една таква објава, членот Илија Бендевски јавно обвини дека друг член, Денис Мустафаоглу, „неовластено настапува во име на групата“ и дека подолго време „систематски работи на узурпација на групата“.
„Членот на нашата група, пензионираното воено лице – Денис Мустафаоглу, неовластено настапува во име на групата. Се известуваат медиумите дека тој не ја претставува групата“, напиша Бендевски, додавајќи дека Мустафаоглу „од инженерство нема ни ден работно искуство“ и побара доказ за неговата стручна квалификација.
И покрај тоа, Мустафаоглу е едно од најекспонираните лица во јавните дискусии за теми од енергетскиот сектор. Дополнително, дел од оваа група, според објави на социјалните мрежи, има политички врски со опозициската партија Левица, што отвора дилеми за мотивите зад нивните еднонасочни критики.
Во своите јавни настапи, групата најчесто ги таргетира политиките и практиките на ЕВН, додека други прашања од енергетскиот сектор ретко се обработуваат. Тие неодамна поднесоа иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на законитоста на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, тврдејќи дека е спротивен на член 185 став (2) од Законот за енергетика.
Сепак, според експертски толкувања, паушалните пресметки сами по себе не се спорни, бидејќи претставуваат процена врз основа на историјата на потрошувачката и се порамнуваат со фактичката состојба.