Онколошките пациенти повторно без терапија, утре ќе протестираат пред Министерството за здравство

Онколошките пациенти утре симболично ќе протестираат пред Министерството за здравство поради повторниот недостиг на лекови на Клиниката за онкологија.

Поради високите температури, на протестот ќе присуствуваат само неколку пациентки, со цел уште еднаш да укажат на проблемот со честите прекини во снабдувањето со терапија.

Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“, која и самата е онколошка пациентка, вели дека пациентите повторно се соочуваат со неизвесност и стрес, бидејќи не знаат дали ќе ја добијат потребната терапија навреме.

„Од мај, откако стапи во сила новиот буџет, веќе трипати недостигаа одредени лекови на Клиниката за онкологија. Овојпат не недостига само биолошка терапија, туку и цитостатици и лекови што се на позитивната листа. Овие прекини се повторуваат речиси секој месец или на секои два месеца и претставуваат сериозен проблем за пациентите“, изјави Марјановиќ за ТВ24.

За недостигот на терапија деновиве алармираа и повеќе пациенти на социјалните мрежи. Дел од нив велат дека биле вратени без да ја примат терапијата, додека пациентите од другите градови секојдневно се јавуваат за да проверат дали воопшто има лекови пред да патуваат до Скопје.

Недостигот на онколошка терапија е проблем на кој пациентите со години предупредуваат. Покрај нередовното снабдување со лекови, тие постојано укажуваат и на пренатрупаноста на Клиниката, условите за лекување и доцнењата во превентивните скрининг-програми.

Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, за ТВ24 изјави дека кај дел од лековите имало краткотрајно доцнење во испораката поради зголемената потрошувачка, поголемиот број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки и делумен недостиг кај дистрибутерите. Според него, најголемиот дел од препаратите веќе пристигнале на Клиниката, а преостанатите се очекува да бидат достапни во текот на неделава. Тој тврди дека доцнењата не влијаеле врз исходот од лекувањето.