
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека булеварот „Борис Трајковски“ се довршува и дека се работи со силно темпо.
„Денес, со искрено задоволство стојам на булеварот кој со децении беше закочен, заборавен и претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани. Булевар по кој секое поминување значеше нервоза, гужви, прашина, небезбедност, оштетени возила и изгубено време. Ветив дека во мојот мандат ќе го довршиме. Но, само шест месеци од почетокот на мандатот, со силна волја, работа и посветеност, ги довршивме експропријациите, а за само две недели е пробиена речиси целата траса. Со тоа, конечно се отвора патот за реализација на овој долгоочекуван проект, кој премногу пати беше ветуван, а никогаш не беше завршен“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Додава дека паралелно, на овој потег се изведува и комплетната фаза од хидротехниката, односно 610 метри атмосферска канализација со цевки Ф800, Ф600, Ф500, Ф400 и Ф300.
„Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, конечно заминуваат во минатото. На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека. Ова е доказ дека кога има волја, работа и одговорност, нема невозможни мисии“, посочи градоначалникот.
Тој воедно нагласи дека бил свесен низ што поминувале граѓаните овие години, но дека тоа време завршило.
„Булеварот „Борис Трајковски“ конечно се довршува“, порача Ѓорѓиевски.