Омерагиќ: Реализиравме рекордна донација на спортска опрема за 1.848 деца од младинските категории

Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ денеска информираше дека била реализирана рекордна донација на спортска опрема за 1848 деца (пионери и помлади пионери) од младинските категории во натпреварувачкиот систем на ФФМ.

Вкупно 42 екипи кои настапуваат во Супер младинската лига, Втората и Третите младинска лига (пионери и помлади пионери) добија по 44 комплети опрема (тренерки, маици и шорцеви за тренинг, ранци), како и по 30 фудбалски топки.

„Сакам да потенцирам дека оваа опрема е наменета исклучиво за децата и клубовите немаат право да им ја наплаќаат на родителите. Ќе продолжиме да правиме сè што е потребно за да им помогне на оние кои вложуваат во младинскиот фудбал, затоа што иднината на нашата игра е токму во овие деца“, истакна Омерагиќ.