Октомври е месец на дислексијата, а со едицијата „Лесно читливи лектири“ на „Арс Ламина“ читањето е полесно

Октомври е месец посветен на подигнувањето на свеста за дислексијата, проблем кој „погодува“ од 5 до 10 отсто од светската популација. Постојат повеќе дефиниции за дислексија, но наједноставната е дека тоа е состојба при која мозокот различно ги процесира говорниот и пишаниот јазик. Примарно се поврзува со тешкотии во читањето, но таа може да го погоди и пишувањето, спелувањето, а понекогаш и зборувањето. Лицата со дислексија можат да ги разберат комплексните идеи, но нив им е потребно повеќе време за анализа на поединечните информации и детали. Кај нив мисловниот процес тргнува од големата слика, односно суштината, и потоа оди назад кон деталите, за разлика од останатите кои тргнуваат од анализа на деталите и потоа стигнуваат до суштината. Одовде јасно се гледа дека за подучување на дислексичните ученици потребен е поинаков пристап или поинаков стил на пренесување на информациите.

Откако состојбата била откриена, докторите од цел свет се посветија на изнаоѓањето начини за да им помогнат на луѓето со дислексија и да креираат специјален фонт со цел да им се олесни читањето. Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот импринт „Либи“ лани објави едиција „Лесно читливи лектири“ составена од 40 лектири кои се разликуваат од сите претходни лектирни изданија на пазарот, пред сѐ, по тоа што се лесно читливи за учениците, вклучително и за децата со дислексија. Изработени се според светските стандарди за дислексија, а вклучуваат и речник на помалку познати зборови, како и активности за работа на час. Станува збор за поголем дел од листата на лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука.

Овој проект беше реализиран во соработка со Здружението за дислексија „Ајнштајн“, а воедно, целта на „Арс Ламина“ е да ги направи книгите полесно достапни до сите деца и да ги поттикне да ги развиваат нивните читачки навики и да ја засакаат книгата. Лектирите се уредени со помош на специјален фонт и според светски утврдени технички стандарди, поради што се одобрени и препорачани и од Здружението „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје.

– Како што е веќе познато, учениците со дислексија се соочуваат со проблеми при читањето и токму издавањето на овие 40 лектирни изданија подготвени според светските стандарди за „dyslexia friendly“ книги ни дава огромна надеж дека во нашата држава започнуваат процеси за креирање на инклузивни образовни услови за учесниците со дислексија – изјави Дамјан Николовски, претседател на здружението за дислексија „Ајнштајн“, на ланската промоција.

„Двојна Лота“, „Малиот принц“, „Кралот на златната река“, „Збунети години“ се само дел од книгите кои може да се најдат во оваа едиција. Воедно, „Лесно читливи лектири“ на Саемот на книга во 2019 година ја доби и наградата за најдобра едиција. Од издавачката куќа „Арс Ламина“ велат дека ќе продолжат да работат кон приближување на читањето до лицата со дислексија како и до сите млади луѓе.