
Во чест и сеќавање на Тоше Проески, група македонски велосипедисти и годинава ја извозеа традиционалната велосипедска тура „Од срце за Тоше“, од Нова Градишка во Хрватска до неговото родно Крушево.
Турата се одржа од 19 до 25 септември, а велосипедистите за седум дена, во седум етапи, поминаа околу 900 километри и совладаа вкупна висинска разлика од околу 5.500 метри.
Маршрутата има силна симболика – започнува во Нова Градишка, во чија близина Тоше трагично го загуби животот во 2007 година, а завршува во Крушево, на Гумење, каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште.
„Од срце за Тоше“ годинава се одржа по деветти пат, а турата веќе прерасна во традиционален начин на кој велосипедистите му оддаваат почит на македонската музичка ѕвезда.

По пристигнувањето во Крушево, учесниците му оддадоа почит на Тоше, со порака дека преку ваквите потфати сакаат да придонесат неговите дела, музика и хуманост да продолжат да се паметат.
Турата од Нова Градишка до Крушево започнала како иницијатива на велосипедисти од Кавадарци уште во 2018 година, а низ годините прераснала во препознатлива традиција посветена на Тоше Проески.
Годинава потфатот добива дополнителна симболика во периодот кога се навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше – уметник чија музика и денес продолжува да обединува генерации низ целиот регион