Околу 670 првачиња од Карпош за прв пат седнаа во училишните клупи

Околу 670 првачиња денеска за првпат седнаа во училишните клупи во десетте основни училишта на територијата на Општина Карпош.

Првиот училишен ден беше исполнет со песни, насмевки и пригодни приредби, со кои најмладите ученици беа пречекани во своите училишта.

На првиот училишен час во ООУ „Вера Циривири Трена“ присуствуваше градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, кој на првачињата им посака среќен почеток на учебната година и успех во нивниот образовен процес.

За секое прваче, Општина Карпош обезбеди бесплатно училишно ранче со основен училишен прибор, како поддршка за најмладите на почетокот на нивното образование.

„Нека ранчето биде исполнето не само со книги и училишен прибор, туку и со љубопитност, знаење, пријателства, насмевки и убави спомени“, порача Лукровски.

За најмладите карпошани денеска започна ново поглавје – први училишни часови, нови другарства и спомени кои ќе ги носат со себе низ годините.