Околу 3.500 барања се доставени за субвенции за сончеви колектори и ПВЦ-прозорци

Енергетската ефикасност се повеќе одомаќинува во македонските домови. Расте интересот за поставување на сончеви колектори на покривите на куќите за да се искористи бесплатната сончева енергија. Се менуваат и старите дрвени прозорци со нови од ПВЦ и алуминиумски.

Дел од причините за ваквите активности се и државната помош што како субвенции се дава веќе девет години наназад. Како што појаснуваат од ресорното министерството, граѓаните кои до 31 август годинава ќе постават сончеви системи на своите покриви ќе можат да добијат од државата надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи. Досега до нив за добивање субвенции се доставени 1.179 барања.

Но, Министерството за економија од годинава почнува со субвенции на граѓаните за подобрување на енергетската ефикасност преку смена на старите прозорци со нови ПВЦ или алуминиумски. За оваа државна помош досега аплицирале 2.245 баратели. Ресорното министерство веќе ги повикаа граѓаните кои по 31 јануари годинава купиле и вградиле ПВЦ и алуминиумски прозорци или сончеви колектори да поднесат барање за надомест на дел од вложените средства во износ од 300 евра до 500 евра.

-Годинава првпат се воведува стимулативната мерка за надомест на трошоците за купени и вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци, а досега десетина години имаше субвенции за сончеви колектори - велат од економија.

Во буџетот на Министерството за економија за таа намена се обезбедени 20 милиони денари со кои ќе се надоместуваат дел од трошоците во износ од 50 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 500 евра по домаќинство Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен.

Исто така годинава ресорното министерство одвојува повеќе средства од претходните години за сончеви колектори кои достигнаа 16 милиони денари. Со овие средства се надоместуваат дел од трошоците во износ од 30 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра по домаќинство. Исто така од сите изградени колектори се овозможува на годишно ниво да се заштедат повеќе од 150.000 киловат-часови струја.

- Остварувањето на правото на надомест е по пат на јавно извлекување што ќе се одржи на 22 септември 2017 година – потсетуваат од министерството и дополнуваат дека дотогаш, односно пред да се случи јавното извлекување ќе формираат специјални комисии составени од по три члена.

Од ресорното министерство истовремено информираат дека заклучно со 2015 година вкупно се субвенционирани 3.612 домаќинства, а исплатени се околу 46.000.000 денари од Буџетот на Република Македонија. Со последните 640 одобрени субвенции од лани бројката се искачи на 4. 252 домаќинства, а буџетот се зголеми за 52 милиони денари.

Според анализите на ова министерство 2015 година била рекордна година, оти 2.400 барања биле дојдени на нивната адреса. Тоа само потврдува дека од година во година расте бројот на македонските граѓани кои на покривите поставуваат сончеви колектори.

Министерството огласите ги објавува на веб-страницата каде ги даваат условите што треба да бидат исполнети од страна на барателот за добивање субвенции за вградени прозорци и сончеви колектори.

Искуството на граѓаните што веќе поставиле вакви системи покажува дека на годишно ниво можат да заштедат од 2.500 до 3.000 киловат-часови електрична енергија, а ова количество струја во зависност од цената на струјата може да ги чини повеќе од 13.000 до 15.000 денари.

Најголемиот број од домаќинствата. кои вградиле колектори, сончевата енергија ја користат за затоплување на санитарната вода, како и за затоплување на цевките за радијаторите. За време на летниот период домаќинствата кои живеат во индивидуални куќи и притоа поседуваат базени во своите дворови практикуваат водата да ја топлат токму со колектори, оти така им е поевтино.