Околу 300.000 вработени во Македонија, кои се главно од приватните фирми не користат годишен одмор што по закон им следува

Околу 300.000 вработени во Македонија, кои се главно од приватните фирми не користат годишен одмор што по закон им следува.Оваа бројка е речиси половина од вработените во земјава и потврда дека работничките права се повеќе се кратат, бидејќи станува пракса да не се гледа што пишува на хартија, туку што се случува на терен.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) велат дека на оваа тема не се потребни истражувања, оти секој знае дека поголем дел од вработените во државата не добиваат годишен одмор како што им следува по закон, ниту пак слободни денови или дневници за прекувремена и работа на празник.

– Иако нема точни податоци може да каже дека околу 60.000 мали компании кои имаат до 5 вработени, а тоа е околу 300 илјади во јули и август не користат годишни одмори, бидејќи ако се на одмор некој треба да ги замени, а во тој период нема огласи за нови вработувања – коментира Драге Јовановски од ССМ и дополнува дека работодавците што не им даваат одмор на своите вработени не се казнети оти за ова прашање нема јасна регулатива во законот.

Според него ако во овој период има вработувања бенефит нема да имаат само граѓаните што ќе се вработат туку и државата, оти касата ќе се полни од плаќање на придонеси од плата.
Законот за работни односи од 2005 година до сега е менуван вкупно 20 пати, по некогаш и по четири пати во една година. Токму затоа од ССМ побара нов Закон за работни односи, а Владата одговори дека изготвила измени на актуелниот, 21. по ред.

Според актуелниот закон годишниот одмор може да се користи во два дела, со тоа што првиот дел мора да трае најмалку 12 работни дена и да се искористи до крајот на тековната година, а вториот дел најдоцна до 30 јуни идната година.

Во годишен одмор не се пресметуваат: празниците, саботите и неделите, отсуствата поради боледување и другите случаи на оправдано отсуство од работа.

Можно е отсуство поради заболување, односно нарушување на
здравствената состојба, а доколку е дарител на крв, вработеното лице има право на платено отсуство од работа 2 дена.

Вработеното лице има право на платено отсуство од работа доколку е ангажирано да вршинепрофесионални функции за кои било избрано на непосредни државни избори, должности на кои е именувано од страна на судот, ако е повикано на должност на воен обврзник, за одбранбени должности, должности за заштита и спасување.

Отсуство од работи поради бременост, раѓање и родителство, како и за склучување брак на дете, при што следува 2 дена, склучување брак следува 3 дена, како и селидба во ист град – 1 ден, додека селидба во друг град – 2 дена.

За посвојување дете следува 2 дена, за елементарни непогоди – 3 дена, а за смрт во семејството исто така од еден до два дена.

Непријавените работници, односно “хонорарците# и други нетипични видови на вработувања не се предвидени во Законот за работни односи, но морална обврска на менаџментот кој ги користи услугите на оваа најзагрозена група работници е да им овозможи еднаков третман во однос на користењето на одморите со другите вработени.

Законот за работни односи предвидува прекршочна одговорност на сите работодавачи кои на вработените не им обезбедат годишен одмор во согласност со Законот и не им издадат решение за годишен одмор кое служи и како доказ пред трудовата инспекција.

Ако според работните обврски мора да работите за празник работодавецот е должен да ви исплати празнична дневница.

Исто така во новиот Закон за работни односи, ССМ побара повисоки плати, регрес за годишен одмор за сите, да не се зголемува старосната граница за пензионирање. подобра социоекономска положба на работниците, сигурни работни места, намалување на сиромаштијата, стоп за работата на црно и на мобингот…