Oколу 1.700 ученици и наставници во првото полугодие од 2022 посетија предавања за финансиска едукација на НБ

Тимот за финансиска едукација на Народната банка во првото полугодие од 2022 година преку едукативни презентации, подготовка на едукативни материјали и организација на натпревари продолжи да работи на натамошно унапредување на финансиската писменост на населението. Од почетокот на годината реализирани се 32 предавања, со кои беа опфатени 1594 ученици, 88 наставници и професори од основни и средни училишта.

Како што информира Народна банка, со цел поголема вклученост на учениците од руралните средини во март 2022 година, за време на одржувањето на Глобалната недела на пари, беше организиран караван во чии рамки беа опфатени осум училишта, 443 ученици и 35 наставници од руралните предели.

Во текот на првата половина на 2022 година беа реализирани вкупно 15 предавања за училишта во руралните средини, со учество од 46,9 отсто во вкупните предавања.

Минатата 2021 година беше забележан рекорден број слушатели на предавањата за финансиска едукација на Народната банка, со вкупно 102 предавања на кои биле присутни 6.351 слушател, меѓу кои ученици, студенти и професори, во 70 различни училишта.

Поради пандемијата на Ковид-19, предавањата на македонски и на албански јазик се одржуваа преку интернет.