
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 18-годишно лице осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје. Дополнително, уште две лица се осомничени дека му помогнале на сторителот по извршувањето на кривичното дело.
Според наводите од истрагата, на 9 јануари, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето. Тој управувал автомобил „Фолксваген пасат“ по улицата „Народен Фронт“, при што извршил непрописно поместување на возилото во лево, навлегувајќи во коловозната лента наменета за сообраќај од спротивен правец.
„Осомничениот не се уверил дека маневарот може да го изврши без опасност по другите учесници во сообраќајот и се движел со брзина која не била прилагодена на условите на патот, видливоста и густината на сообраќајот“, соопштуваат од обвинителството.
Дополнително, утврдено е дека возилото го управувал без да поседува важечка возачка дозвола. При такви околности, тој удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која во тој момент попречно го преминувала коловозот. Жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот, без да ѝ укаже помош, веднаш го напуштил местото на несреќата.
Повредената била пренесена во Ургентниот центар, каде и покрај укажаната медицинска помош, починала.
Во соопштението се наведува дека другите двајца осомничени – маж и жена – му помогнале на осомничениот возач да ја напушти државата, превезувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце. Тие се лишени од слобода по нивното враќање во земјата, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.
„Притвор е побаран и за осомничениот возач кој во моментот е во бегство, а мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, наведуваат од обвинителството, додавајќи дека во меѓувреме ќе биде распишана и меѓународна потерница.