ОЈО се уште прибира докази за нападот врз Никола Саздовски, по завршување на дејствијата ќе биде познато за што ќе одговараат напаѓачите

Основното јавно обвинителство Скопје засега останува на истото дело кое им се става на товар на осомничените лица за нападот на 21 годишниот Никола Саздовски, кој утринава им подлегна на тешките повреди на КАРИЛ.

Од Обвинителството за Курир велат дека во моментов делото за кое се сомничат приведените лица е „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик, став 3, а во врска со став 6 и став 1. Оттаму појаснуваат дека ваквата правна квалификација опфаќа нанесување на тешка повреда или смрт.

-Се работи се уште на случајот. Се прибираат докази и се преземаат низа дејствија. По завршување на сите дејствија ќе се решава за правната квалификација на делото, дали ќе остане истата или ќе се оди со потешко кривично дело, велат за Курир од скопското Обвинителство.

Никола на 29-ти минатиот месец беше крвнички претепан на автобуска постојка во скопска Автокоманда.

Од Министерството за внатрешни работи следниот ден информираа дека на 29-ти во времето од 17:30 до 17:40 часот на автобуската постојка на булевар „Александар Македонски“ од страна на три непознати машки лица (кои излегле од патничко моторно возило „Мерцедес“) физички бил нападнат Н.С.(21) од Скопје.

-По физичкиот напад лицата со возилото го напуштиле местото на настанот. Н.С. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники “Мајка Тереза”, информираа тогаш од полицијата.

Во врска со нападот кривична пријава беше поднесена против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје.

Б.Б.(20), С.Д.(21) беа лишени од слобода и одредена им беше мерка притвор.

Младиот Никола по нападот поради тешките повреди беше хоспитализиран на КАРИЛ, каде по 10 дена поминати во кома, утринава починал.