ОЈО отвори предмет по допрен глас за набавката на софтверот на Рашковски

Основното јавно обвинителство по допрен глас започна предмет во врска со набавката на софтверот со која се поврзува и поранешниот генерален секретат во владата, Драги Рашковски.

-Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на  софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопштија од ОЈО.

Во меѓувреме, од Министерството за внатрешни работи до обвинителството е доставено известување во врска со нивното постапување во случајот.​

Рашковски деновиве е во фокусот на јавноста по избувнувањето на аферата во која генералниот секретаријат на Владата купил неговиот софтвер, ама со народни пари, што требало да го користи МВР. Меѓутоа, набавката веќе осум месеци стои неискористена бидејќи МВР „ниту знаело за набавката ниту планира да ја користи“.