Охриѓани до градоначалникот на Скопје: Другар Шилегов, ветивте дека ќе ни го дадете „Цар Самуил“

Координаторот на советничката група на СДСМ во Охрид, Константин Георгиевски, јавно го потсети сегашниот градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов, дека на охриѓани им ветил дека ќе им го подари споменикот на цар Самуил, лоциран на плоштадот Македонија во Скопје.

„Само да го потсетам другарот Петре Шилегов дека пред сведоци ни го вети споменикот на цар Самоил“, пишува Георгиевски на „Фејсбук“.

Од Кабинетот на Шилегов не негираат ниту, пак, потврдуваат дали овој споменик ќе замине во рацете на Општина Охрид. Во изјава за „Макфакс“ велат дека моментно тие прават анализи, а ќе постапат според законите.

„Град Скопје по конституирањето на новата градска администрација внимателно ги анализира сите тековни и реализирани проекти кои се во надлежност на Градот или се преземени на одржување. Предмет на анализа се и спомениците од проектот „Скопје 2014“ и за нив се очекува и ставот на стручната јавност, по што ќе се постапи во согласност со законите“, велат од секторот за поддршка на градоначалникот Шилегов.