Охридското езеро се полни со вода

Охридското Езеро деновиве е над природниот минимум, но сепак под просекот, откако силни врнежи дожд го зафатија регионот. Големи промени нема во нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, кои и натаму се под месечниот просек, но обилниот дожд, по долгиот сушен период, го враќа животот во езерата. Жителите во охридско-преспанскиот регион се радуваат на секоја капка дожд - таа значи нова надеж и за еколошкиот опстанок на природното непроценливо богатство, но и за животинскиот свет, кој со повлекувањето на водата, беше оставен буквално на суво на брегот на езерото.

Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, Охридското Езеро се наоѓа на кота 693,15 метри надморска височина, што е пет сантиметри над дозволениот природен минимум, но е 23 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в.).  УХМР најавува пообилни врнежи во западните делови, каде се прогнозира дека е можно да наврнат и над 30 литри на метар квадратен дожд. Се најавува зголемување на водостоите не реките, поради што се апелира на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, особено покрај оние во западните делови од државата. Значително висок ќе биде водостојот на реката Сатеска во чии сливови можни се локални излевања. 

Според прогнозите и во наредниот период се очекуваат врнежи од дожд, локално и до 20 литри на квадратен метар што ќе ја подобри неповолната хидролошка состојба. За споредба, на крајот на ноември нивото на езерото беше дури на 693,09 м.н.в. или сантиметар под дозволениот минимум. Состојбата толку беше загрижувачка што на градскиот кеј можеа да се забележат мали островчиња. На одредени делови на брегот, заради нискиот водостој на езерото, бродарите се жалеа дека не може да се маневрира со пловни објекти, особено на влезот кај каналот Студенчишта и на пристаништето кај Свети Наум. (DW)