„Охрид остана без кислород викендов, полицискиот билтен преполн“ - Митан со суштинска порака за „ресет“ на туристичкиот бисер

Охрид изминатиот празничен викенд беше преполн со домашни туристи. Се славеше големиот празник Илинден, а градот беше домаќин на голем број концерти и манифестации. 

Сашо Митан, првиот човек на охридското „Супер радио“ и охридскиот портал „ОхридПрес“ кое успешно ја раскажува приказната за макеоднскиот туристички бисер веќе со децении, со осврт за она што се случуваше изминатиот викенд во Охрид.

За културата на посетителите, за сообрќаајот, но и музичката понуда во Охрид, Митан со навистина порака во сржта! 

- Охрид по уште еден Илинден: Доста е со „невеста прва вечер“ моментот, време е за сериозен factory reset, градот да се врати на оригиналните подесувања, констатира тој на почетокот на својата објава споделена на фејсбук која ви ја пренесуваме во целост: 

Вредните охридски комуналци уште од рано утрово се „бореа“ со планините ѓубре кои нашите почитувани гости ги оставиле во корпите за отпадоци, околу корпите, но и во „слободен стил“ насекаде низ градот.

Гледајќи ги како работат и вадат шишиња, лименки, хартија, маички и што се' не друго од езерото, станува јасно дека желбите се едно, можностите друго, а реалноста сосема трето, по што сосема оправдано се поставува прашањето - има ли надеж да се средат состојбите?

Испоседнати по клупите, во стариот дел на градот, на „Островчето“, насекаде по кејот, бројни млади луѓе со незапирлива младешка енергија, доминираат деновиве во Охрид. Понудата на настаните во градот е најчесто прилагодена за нив, а друг дел има и „за малку постарите“, на кои повторно им беше „сервирана“ г-ѓа Фихрета, но и г-дин Лукас Аца, г-ѓа Теа и останатите. Се балансираше со Розга и Сергеј, а особено со Jason Derulo, кој тука дојде како сериозна светска ѕвезда за да не биде се' баш Балкан па Балкан, но и нему му ги „накалемија“ Бресквица и Раста (овој не стигна да настапи, имал проблем со полицијата).

А забележавте ли бе другари дека Ohrid Calling годинава не се одржа?

Датумите се тие, локациите се тие. Дупка во вода не се прави. Ако нешто нема, ќе го пополни нешто друго, а вие думајте со што ги пополнуваме овие празнини. Треба само да седнат разумни луѓе од двете страни, луѓе кои ја разбираат проблематиката и да се најдат на средина. По едносмерна улица се возеше предолго и токму таа едносмерна улица не доведе до овде.

Одговорните веќе петнаесетина години имаат на подарок стратегија за комплетно решавање и средување на сегментот со настаните и забавата во градот со сите потребни чекори за Охрид да почне да добива сериозни приходи од овој дел. Пред десетина години истата се ревидираше и доби верзија која е сосема употреблива и ја покрива целата година. Зошто не е реализирана останува отворено прашање...

Охрид нема стратегија за развој на туризмот!

Сериозен пораз е што ова во „За Охридцките работи“ сум го пишувал уште во август 2014 година, а еве денес, толку години подоцна, скоро и да немаме никаков исчекор. Охрид во моментов е град каде мала група луѓе прават енормни приходи на сметка на сите останати, а пред се' на убавините на градот и езерото кои ги „продаваат“. Понудата скоро секаде е унифицирана, со ретки „угостителски блесоци“ и луѓе кои со цела сила се борат да направат сериозна приказна и да не се предадат на реката околу нив.

Гостите секогаш ќе сакаат да поминат со помалку пари и бараат најмногу за своите пари, а домаќините секогаш ќе се обидуваат да заштедат некој денар повеќе. Во оваа вечна „игра“, која ќе се согласиме дека не важи само за Охрид, градот како да ја губи битката. Бројот на станови на луѓе надвор од Охрид веќе никој не го знае, градот стана „чудо за неколку дена“, секогаш токму во овој период, околу празникот Илинден.

Секој од нас се однесува како Охрид да е негово лично Потемкиново село, една прекрасна фасада, позади која се кријат нашите лични интереси. А тие секогаш се фино маскирани зад: „па народот тоа го бара и сака“, „сите прават така“, „така правеа тие претходно“, „ми се може“, „моите се на власт па ќе бидам и хирург ако сакам“...

Градов Охрид што ги има најдено сега околу туризмот, овие лоши работи, невеста прва вечер нема јадено тоа што треба да биде, така да знаете толку само...

Со оваа генијална констатација охриѓанецот Мато пред некоја година совршено го опиша целиот хаос во кој со децении се наоѓа градот под Самуиловата тврдина, во делот на туризмот и понудата. Фестивали на кои не им се знае бројот, а често ни името, центар на градот со панаѓурски изглед и понуда која едноставно не смее да се дозволи за релативно мал езерски град со таква традиција каква што има Охрид. Уште неверојатна гужва, прегласна музика, нема паркинг, соби и апартмани на сите страни, нервозни луѓе кои наводно дошле да уживаат, преполн полициски Билтен со тепачки, дрога, сообраќајки со тешки исходи...

-Ова ли е Охрид кој го „продаваме“?

-Знаеме ли ние кој сакаме да ни дојде како гостин?

-Имаме ли за тие луѓе понуда?

-Знаеме ли ние која е вистинската цена на тоа што го продаваме?

-Сакаме ли три дена во кои нема кислород во градот или сезона од цела година?

-Ќе продолжиме ли со градење на станови на секој чекор?

-Води ли некој сметка за тоа кој се' организира настани, кого носи и кога?

Синоќа за прв пат возев од Скопје кон Охрид по делот од автопатот кој е пуштен во употреба. Изгледа одлично и мора да се заврши целиот во најскоро време. Но, тогаш стигнуваш до делот кај Мешеишта и натаму кон Охрид. Навечер, со намалена видливост, со збунети возачи од цел свет кои возат на сите страни... Едноставно совршено сценарио за проблем. И би проблем... Вечерта имавме две тешки сообраќајки, од кои една на самиот влез во градот!

Охрид е жив град. Како таков мора да се развива и да оди напред. Како туристички центар, понудата во делот на угостителството, забавата и се' останато што оди во овој дел е исклучително важна. Охрид има и луѓе кои знаат, но се погрешно распоредени. Секој е со секого скаран, некој знае да слика, некој знае да прави видеа, некој знае маркетинг, некој знае односи со јавноста и медиуми... Се' имаме, ама немаме човек кој овие луѓе ќе ги спои и ќе направи сериозна приказна.

Ние како редакции, како Супер радио и OhridPress даваме отворена понуда до сите. Ќе дадеме се' што имаме од знаење, сила, пријателства и се' останато и ќе ја поддржиме секоја сериозна приказна која ќе се појави за да се подобри состојбата.

Овој „Гордиев“ јазол стана преголем и веќе тешко ќе може да му се најде крајот за да почне да се отплеткува. Легендата за еден наш/не-наш Александар или Воен на коњ, викајте си го како сакате, вели дека кога се нашол пред ваков предизвик, го извадил мечот и го пресекол.

Време е за сериозен чекор и одлуки кои ќе бидат тешки, но ќе бидат нашиот меч за решавање на овој проблем кој добива повеќе од сериозни пропорции, напиша тој во својата објава.