Охрид го бара од Скопје споменикот на Цар Самоил

Општина Охрид бара некои од спомениците од „Скопје 2014“ да се префрлат во Охрид. Градоначалникот Јован Стојановски најави дека ќе побараат да биде дислоциран споменикот на Цар Самоил, на кој  сметаат дека местото му е во Охрид, но откако ќе заврши ревизијата на проектот која ја води комисија во Министерството за култура.

„Нашиот став е дека местото на Цар Самоил е во Охрид и затоа имаме намера во понатамошниот дел, до завршувањето на ревизијата, да побараме тој споменик да биде дислоциран во Охрид“, вели Стојановски.

Веќе се размислува и за можна локација каде споменикот би бил поставен. Неодамна и од здружението Богојавление од Охрид испратиле барање до локалната самоуправа да се заложи споемникот на Христо Узунов кој исто така е дел од проектот „Скопје 2014“ да биде донесен во Охрид.