Ограбен таксист во Скопје, разбојниците му се заканиле со нож

Три лица на возраст од 20 до 25 години нападнале и oграбиле таксист во Скопје, соопшти МВР.

Утринава, околу 02,20 часот во Скопје на улица Ангел Динев, во такси возило, управувано од В.М. од Скопје, влегле три машки лица на возраст од околу 20 до 25 години и му рекле на возачот да вози во правец на населбата Ѓорче Петров- 2.

Кога стигнале кај бензинската на „Макпетрол“, лицата побарале од В.М. да сврти десно на улица Панајот Гиновски“, а потоа застанале пред локален маркет. Го прашале таксистот колку треба да платат, но во наредниот момент лицето што седело зад возачкото седиште извадило нож и му го ставило под грлото со сериозна закана по неговиот живот.

Притоа, му го побарале прометот, а второто лице кое седело на задното седиште зад совозачкото го удрило В.М. со тупаница во пределот на лицето, додека третото лице кое било на совозачкото седиште од десниот џеп му одзело околу 9.840 денари, а од левата рака му го одзел рачниот часовник.

По ова трите лица излегле од возилото и побегнале. Секторот за внатрешни работи Скопје превзема мерки за пронаоѓање на сторителите.